

МОРБИЛИ КАЈ ДЕЦАТА – ПРЕПОРАКИ ЗА РОДИТЕЛИТЕ, ГРАДИНКИТЕ И УЧИЛИШТАТА
ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје ги повикува родителите, старателите, градинките и училиштата на навремено препознавање на симптомите на морбили и доследно спроведување на мерките за превенција. Особено е важно да се провери дали децата се вакцинирани согласно националниот календар за имунизација.
Морбилите, познати и како мали сипаници, се акутно вирусно заболување со многу висока заразност. Особено се изложени невакцинираните и нецелосно вакцинираните деца.
Како се пренесуваат морбилите?
Вирусот се пренесува преку воздухот, со заразни честички и респираторни секрети што се ослободуваат при дишење, кашлање или кивање. Може да остане заразен во воздухот или на контаминирани површини до два часа по заминувањето на заболеното лице.
Кои симптоми треба да се препознаат?
Почетните симптоми вклучуваат висока температура, кашлица, течење на носот, црвенило и солзење на очите, како и изразена малаксаност. По неколку дена се појавува карактеристичен осип, кој обично започнува на лицето и се шири кон вратот, трупот и екстремитетите.
Можни се компликации како воспаление на увото, пневмонија, дијареја со дехидратација и енцефалитис, односно воспаление на мозокот. Заболувањето може да има тежок тек.
Што треба да направат родителите?
- Ако детето има температура и симптоми што упатуваат на морбили, не го носете во градинка или училиште и ограничете ги контактите со други лица.
- Прво телефонски контактирајте го матичниот лекар и известете го за симптомите или можниот контакт со заболено лице. Не одете ненајавено во чекална.
- Проверете ја вакциналната документација и обратете се во надлежниот вакцинален пункт за надоместување на пропуштените дози, согласно возраста и календарот за имунизација.
- Ако детето било во контакт со сомнителен или потврден случај, веднаш побарајте совет од лекар или од надлежната епидемиолошка служба. Не чекајте да се појават симптоми.
Мерки за градинките и училиштата
- Навремено препознавајте ги децата со сомнителни симптоми. Ако симптомите се појават за време на престојот, веднаш одделете го детето од останатите, со соодветен надзор, и известете ги родителите.
- Не примајте во колектив деца со температура и симптоми што упатуваат на морбили.
- Веднаш известете ја надлежната епидемиолошка служба за сомнителниот случај и соработувајте при идентификацијата и евидентирањето на контактите.
- Проверувајте го вакциналниот статус на децата и персоналот, во соработка со надлежните здравствени служби, и одржувајте точна евиденција.
- Привременото отсуство од колектив на заболените и на контактите без соодветен имунитет спроведувајте го според конкретните епидемиолошки насоки.
- Редовно проветрувајте ги просториите и информирајте ги родителите за симптомите, вакцинацијата и превентивните мерки.
Вакцинацијата е најефикасната заштита
МРП вакцината штити од мали сипаници, рубеола и паротит. Две дози обезбедуваат приближно 97% заштита од морбили. Вакцинацијата треба да се спроведува согласно националниот календар за имунизација, а пропуштените дози да се надоместат според препораките на надлежната здравствена служба.
При појава на случаи потребни се итна проверка на вакциналниот статус и дополнителна вакцинација на лицата за кои таа е препорачана. Мерките по изложување на вирусот ги определуваат лекарот и епидемиолошката служба.
Изолација и постапување по контакт
Лицето со сомнеж за морбили треба веднаш да ги ограничи контактите. Кај заболените, изолацијата трае најмалку четири дена по појавата на осипот, при што денот на неговото појавување се смета за ден 0. Лекарот може да одреди подолга изолација, особено кај лица со ослабен имунитет.
Избегнувајте контакт со доенчиња, бремени жени, невакцинирани лица и лица со ослабен имунитет. Точните мерки за изолација, следење на контактите и вакцинација се спроведуваат во координација со надлежните здравствени служби.
Навремената вакцинација и соработката меѓу родителите, здравствените работници, градинките и училиштата се клучни за спречување на ширењето на морбилите и за заштита на здравјето на децата и заедницата.
ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје
Одделение за епидемиологија
