АНАЛИЗАТА НА УТВРДЕНИОТ МОРБИДИТЕТ ВО ПРИМАРНАТА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА (ПЗЗ) ВО СКОПСКИОТ РЕГИОН ЗА ПЕРИОДОТ ОД 2012-2014 ГОДИНА ДАВА ЦЕЛОСЕН УВИД НА ЗДРАВСТВЕНАТА СОСТОЈБА НА НАСЕЛЕНИЕТО НА ОВОЈ ПРОСТОР.
Податоците зборуваат за квалитативно и квантитативно подобрување во доставувањето на извештаи до нашиот Центар во означениот период.
Утврдeниот морбидитет во примарната здравствена заштита овозможува:
ü следење на промените во здравјето на населението,
ü идентификување на приоритетните здравствени проблеми,
ü утврдување на дистрибуцијата на заболеноста кај различни возрасни групи на население,
ü преиспитување на здравствената политика и актуелната стратегија за здравствена заштита во државата,
ü унапредување на менаџирањето во здравството, со крајна цел
ü чување и унапредување на здравјето на вкупното население.
Мрежа на здравствени установи и обезбеденост со кадар
На територијата на Скопскиот регион со проценка од вкупно 618.065 жители во 2014 година, има вкупно 282 ординации по општа медицина, 46 ординации за здравствена заштита на жени, 165 стоматолошки ординации, 5 ординации по медицина на трудот, 135 педијатриски ординации за здравствена заштита на деца од 0-6 години, додека здравствената заштита на училишните деца и младинци функционира во рамките на ординациите по општа медицина.
Во ординациите по општа медицина во 2014 година работеле вкупно 399 лекари. На еден лекар одговараат 1146 жители постари од 20 години како потенцијални пациенти и секој од нив во просек остварил по 5,3 посети.
Во ординациите по гинекологија во 2014 година работеле 54 специјалисти; во просек секому му припааѓаат 4759 жени постари од 14 години и секоја од нив направила просечно само по 0,8 посети.
Ординациите по стоматологија вработуваат 407 лекари по општа стоматологија и 386 стоматолози специјалисти; ним им одговараат во просек по 1518 потенцијални пациенти.
Педијатриските ординации се покриени со 70 лекари и во просек на еден педијатар му одговараат по 758 деца на возраст од 0-6 години како потенцијални пациенти. Секое од овие деца просечно реализирало 0,9 посети кај својот лекар во пзз.
Регистриран морбидитет во пзз
Болестите на циркулаторниот систем се на прво место од заболувањата во дејноста општа медицина со учество од 20,4% во вкупниот број на регистрирани заболувања. Најчесто заболување во оваа група на болести е есенцијалната хипертензија (69,3% индекс на структура), двојно почеста кај жените. Следуваат исхемичните срцеви заболувања со 5,7%; се бележи благо опаѓање за околу 4% во споредба со 2013 година.
Болестите на респираторниот систем се на второ место со 16,9%; по најчестите заболувања како акутен фарингит и тонзилит(40,3%), следуваат бронхит, емфизем и други хронични опструктивни болести. Третото место го има акутниот бронхит и бронхиолит. Овие заболувања бележат пораст од околу 7% во споредба со 2013 година.
Најзастапени кај децата од 0-6 години се болестите на респираторниот систем. Акутниот фарингит и тонзилит се најчести кај возрасната група од 1-4 години (подеднакво кај машки и женски деца); следат други акутни горно респираторни инфекции, кај деца од 1-2 години, побројни кај машките деца. На трето место е акутниот бронхит и бронхиолит (најчест на возраст од 1-2 години).
Болестите на кожата и подкожното ткиво се на второ место на застапеност и тоа најчесто е регистриран дерматит и егзем на возраст од 1-2 години.
На трето место стојат болестите на дигестивниот систем и тоа најчесто болестите на цревата и перитонеумот кај деца од 1-2 години.
Кај училишните деца и младина на прво место се болестите на респираторниот систем. Во оваа група на заболувања најчести се акутниот фарингит и тонзилит (24,7%) на возраст од 10-14 години, подеднакво кај двата пола. Следат други акутни горнореспираторни инфекции и акутен бронхит и бронхиолит на трето место, најчесто на возраст од 10-14 години.
Заболувањата на кожата и подкожното ткиво се на второ место по застапеност (5,7%), најчесто со утврден дерматит и егзем (10-14 години), инфекции на кожата и подкожното ткиво (15-19 години, позастапен кај машките деца) и уртикарија (15-19 години).
На трето место се болестите на дигестивниот систем; од нив најчесто заболување е други болести на цревата и перитонеумот (кај возрасна група од 15-19 години); следи гастрит и дуоденит (почесто кај женскиот пол), и други болести на езофагусот, желудникот и дуоденумот.
На прво место од заболувањата регистрирани во гинеколошките ординации се болестите на генитоуринарниот систем (45,25%), од кои 10,4% отпаѓаат на групата на друго воспаление на вагината и вулвата, потоа 7,7% нарушување на мензисот, па следат менопаузалните и перименопаузалните заболувања кај жените од 45-49 години.
Болестите на бременоста, породувањето и пуерпериумот се на второ место (9%); најзастапени меѓу нив се други компликации на бременоста и породувањето, следи друга грижа за мајката во врска со фетусот и амнионската празнина и можни породилни проблеми, и инфекции на генитоуринарниот тракт во бременоста (сите овие болести се најчесто застапени кај возрасната група од 25-34 години).
На трето место се инфективните и паразитските заболувања (5,55%), со најчесто заболување кандидијаза; следи други по сексуален пат пренесени болести некласифицирани на друго место, и потоа урогениталната трихомонијаза, најзастапени кај возрасна група од 35-44 години.
Во морбидитетот во стоматолшката здравствена заштита најчесто заболување е денталниот кариес (34%); следат болестите на пулпата и периапикалните ткива (23,5) и на трето место акутниот и хроничен гингивит и периодонтит (7,7%) најзастапени на возраст од 35-44 години.
Заклучоци
Тригодишниот тренд на морбидитетот во примарната здравствена заштита покажува дека во Скопскиот регион:
- Кај населението постаро од 20 години најчести се болестите на циркулаторниот систем со есенцијалната хипертензија на прво место, двојно почеста кај жените на возраст од 55-64 години.
- Кај децата од 0-6 години најчести се болестите на респираторниот систем со акутниот фарингит и тонзилит, а најзасегнати се децата на возраст од 1-4 години, подеднакво и машките и женските. Во периодот од 2012-2014 година се бележи пораст за околу 9%, секоја година.
- Во периодот од 2012-2014 година и кај училишните деца и младина најчести заболувања се болестите на респираторниот систем. Училишните деца најчесто боледуваат од акутен фарингит и тонзилит; во следениот период овие заболувања имаат континуиран пораст од 15%.
- Кај жените во овој тригодишен период најчесто заболување се болестите на генитоуринарниот систем со 45,2%, а најбројно поединечно заболување е воспалението на вагината и вулвата.
- Во стоматолошката заштита најчесто заболување е забниот кариес со 30% во вкупниот морбидитет, почесто регистриран кај машкиот пол.
Оваа анализа во тригодишниот период од 2012-2014 година покажува низок степен на користење на здравствените служби. Поголемата информираност и здравствена едукација на граѓаните треба да придонесат за поинтензивно користење на здравствените служби во функција на чување и подобрување на здравјето, воопшто.
Март, 2016
Извор: Центар за јавно здравје Скопје, Одделение за социјална медицина
Подготвил: Бранка Крстев,дипл. социјален работник;