Article Index |
---|
Кодекс на етика на вработените на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје |
Страна 2 |
Страна 3 |
All Pages |
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Овој кодекс на етика не пропишува нови обврски на вработените, туку само писмено ги дефинира стандардите кои се меѓународно прифатени, а вработените во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје ги воспоставиле низ своето долгогодишно работење, со цел оптимизирање на професионалното работење. Вработените во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје се должни да се придржуваат кон највисоките стандарди на однесување, интегритет и чесност во секој контакт со постојните и потенцијалните клиенти и со тоа да даваат полн придонес во градењето на угледот, ефикасноста, профитабилноста и квалитетот во работењето на јавната здравствена установа. Вработените треба да се грижат за своите професионални обврски и да ја заштитуваат човековата околина и здравје и во таа смисла треба да иницираат почитување на законската регулатива за заштита на здравјето и безбедноста на своите клиенти.
ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ
Правилата на кодексот се темелат врз следните начела:
1. НАЧЕЛО НА ЗАКОНИТОСТ ВО РАБОТЕЊЕТО
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен да работи согласно законските и подзаконските акти кои го регулираат нивното работење како здравствени работници и соработници, како и во согласност со Статутот на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје.;
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен да овозможи непречена контрола и ревизија на неговото работење, како внатрешна, така и од овластени надворешни органи.
§ Вработените не смеат да помагаат во кршењето ниту да прикриваат кршење на законитоста, а доколку забележат треба писмено да го известат работодавачот.
2. НАЧЕЛО НА ИНТЕГРИТЕТ
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје треба да дејствува чесно и во најдобар интерес на клиентите, на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје, како и на интегритетот на пазарот;
3. НАЧЕЛО НА ПРОФЕСИОНАЛНО ОДНЕСУВАЊЕ
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен квалитетно, темелно, навремено, ефикасно и со најмалку можни трошоци да ги извршува работните обврски;
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен да доаѓа уредно, пристојно облечен и навремено на работа, како и задолжително да носи закопчана работна облека;
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен деловните средби да ги одржува исклучиво во деловните простории на Центарот за јавно здравје или на клиентите;
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје треба да се воздржува од какво било дејство кое може да го дискредитира или компромитира ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје;
§ Надворешните активности на вработените не смеат да му наштетат на угледот на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје и на извршувањето на неговите функции;
§ Во вршење на професионалните обврски, вработениот е должен да се однесува цивилизирано, професионално и учтиво во секое време и во сета комуникација, усна или писмена, кон сите КЛИЕНТИ, како и во меѓусебните односи со работодавачот и колегите.
4. НАЧЕЛО ПРОФЕСИОНАЛЕН ОДНОС КОН КЛИЕНТОТ
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен клиентите да ги опслужува СЕКОГАШ СО НАСМЕВКА, СО ПОЧИТ, да им се обраќа со персирање, и никогаш да не се однесува супериорно, понижувачки или индиферентно;
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје треба да избегнува пред клиенти да врши лични работи (јадење, пушење, читање весници или друг печатен материјал кој не е поврзан со работата и сл.)
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен мирно, сталожено и трпеливо да ги решава недоразбирањата и проблемите кои можат да произлезат во комуникација со клиентите;
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен брзо и со еднаков пристап да ги опслужува клиентите;
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен да им дава точни и целосни информации на клиентите, како и да им предлага услуги за кои ќе оцени дека најмногу им одговараат на клиентите;
§ Вработените во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје не смеат да се мешаат во политички разговори со клиентите;
§ Во односите со деловните партнери на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје вработениот мора да внимава на веродостојноста на информациите што ги дава. Вработениот мора да избегнува давање изјави или влегување во односи со клиенти, што се спротивни на законите или кои му даваат на клиентот право да дејствува против интересите на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје.
Мора да се настојува овие односи да бидат во континуитет и да бидат професионални за целиот период.
Мора да се избегнува овозможување на информација или откривање на информација што ги крши обврските или принципите на приватност и доверливост.
§ Вработените не треба да паѓаат под туѓо влијание. Секогаш треба да ги води мислата на почитување и строго деловно однесување кон своите клиенти и работодавачот,
5. НАЧЕЛО НА ИНФОРМИРАНОСТ
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен да биде информиран најмалку со основните информации за услугите што ги нуди ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје, заради достапност на информациите за секого и на секое место;
6. НАЧЕЛО НА ПРОФЕСИОНАЛНА КОМПЕТЕНТНОСТ
§ Сите знаења здобиени со редовно школување или со дополнителни усовршувања, вработените се должни да ги употребат во извршувањето на своите задачи, со што ќе придонесат во унапредувањето на работата и професионалноста на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје, како и да покажуваат интерес и иницијатива за зголемување на стручноста и обемот во работата;
7. НАЧЕЛО НА ДОВЕРЛИВОСТ НА ИНФОРМАЦИИТЕ
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен строго да се придржува кон одредбите на доверливост и дискреција, како во односите со клиентите и колегите, така и во односите со трети лица; ниту да фрла во отпадоци документи кои лесно можат да се состават и прочитаат;
§ Во својата работа и во меѓусебните односи со работодавачот и колегите, со органите на управување, со останатите органи и инстутуции, а особено во односите со деловните партнери, вработените треба да се раководат со принципот на чесност, непристрасност и рамноправно однесување кон сите учесници, чувајќи ја деловната и професионална тајна и дејствувајќи во интерес на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје и во временскиот период од 5 години по престанување на работниот однос.
8. НАЧЕЛО НА ИЗБЕГНУВАЊЕ НА КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕСИ
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје е должен да ги пријави на непосредниот раководител, сите односи или интереси кои можат да доведат до конфликт на интереси во извршувањето на дадените работни задачи и во таков случај треба веднаш да се дистанцира од учество во одлучувањето;
§ Вработените не смеат да учествуваат во работи каде за себеси или за трето лице, спротивно на интересите на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје очекуваат директна или индиректна материјална или друга корист. Под стекнување материјална или друга корист се подразбира и стекнување на материјална или друга корист и на:
- брачниот другар;
- децата;
- други правни или физички лица, преку кои вработениот индиректно ќе се стекне со материјална или друга корист;
§ Вработениот работи единствено и првенствено во интерес на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје, а не за свои лични цели.
9. НАЧЕЛО ЗА ЗАБРАНА НА ПРИМАЊЕ ПОДАРОЦИ
§ Секој вработен во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје не смее непосредно или посредно да побара или прими подарок, услуга или друга корист од трето лице, со цел истото да стекне повластен третман за себе или за друг, во кој било поглед или домен на работењето на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје.
§ Подарок на брачниот другар или децата ке се смета за подарок даден на вработениот, доколку е во врска со извршувањето на неговата работна задача.
§ И купеното претставува подарок доколку цената е значително пониска од пазарната. Вработените мора да го одбијат секој понуден подарок освен ако:
- е даден јавно и има симболична вредност
10. НАЧЕЛО НА ЈАВЕН НАСТАП И ПУБЛИЦИТЕТ
§ Кога вработениот како поединец јавно ја коментира работата на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје или настапува во негово име, неговите ставови треба да бидат во согласност со официјалните ставови на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје. За изнесување на какви било информации за работењето на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје во средствата за јавно информирање, неопходна е претходна согласност од Директорот на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје.;
11. НАЧЕЛО НА ПОЧИТУВАЊЕ НА СОРАБОТНИКОТ
§ Вработените во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје се должни правата и интересите на соработникот да ги чуваат како сопствените.
§ Секој вработен е должен во непосредната деловна комуникација со соработниците да настапува трпеливо, љубезно и кооперативно, со нормален разговарачки тон;
§ Вработените во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје се должни да негуваат добри меѓучовечки односи и соработка, изградени врз принципите на взаемно почитување и толеранција;
12. НАЧЕЛО НА ЛОЈАЛНА КОНКУРЕНЦИЈА
§ Вработениот е должен да гради добри односи со конкурентите, а притоа да ја зачува деловната тајна на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Непочитувањето на горенаведеното повлекува одговорност на вработениот, за која истиот ќе биде соодветно санкциониран во согласност со позитивните законски прописи и интерните акти на организацијата
Вработените во ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје, угледот на фирмата, постојано ќе го доизградуваат со чесно, фер, ефикасно, квалитетно и етичко работење.
Овој кодекс влегува во сила со денот на потпишувањето од страна на Директорот на ЈЗУ ЦЈЗ - Скопје.
10.10.2011, Скопје
Dr. Shemsi Musa
Спец.по хигиена